Економија Формиран Фискалниот совет, независно тело за надгледување на макроекономијата и фискалните политики

Формиран Фискалниот совет, независно тело за надгледување на макроекономијата и фискалните политики

Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка

Фото: Министерство за финансии

Фискалниот совет, односно независното тело кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава, станува оперативно, по одржаната конститутивна седница, соопшти Министерството за финансии.

„Воспоставувањето на Фискалниот совет е со цел зајакнување на системот, а е дел од поширока реформа за здрави и одржливи буџетски и макроекономски политики“, посочи денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој се сретна со членовите на Советот, по одржувањето на конституитивната седница на која се утврдени принципите и насоките на делување и работа на ова тело и едногласно за претседател е избран професор Глигор Бишев.

Формирањето на Фискалниот совет е предвидено со реформскиот Закон за буџети, а го сочинуваат независни членови предложени од Народната банка, МАНУ и Државниот завод за ревизија, кои ги избира Собранието на РС Македонија. Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка.

Фискалниот совет, согласно Законот, на независна, објективна и професионална основа ќе изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, Измената и дополнувањето на Буџетот на државата, Полугодишниот извештај за реализација на буџетот, Завршната сметка на Буџетот и друга документација поднесена пред Собранието на Република Северна Македонија или објавена согласно со овој закон и слично.

Реформите во јавните финансии имаат за цел подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, одржливост и континуитет во спроведувањето на политиките, поправичен модел гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање и следење и мерење на резултатите.

На средбата од двете страни беше истакната определбата за вложување на своите знаења и капацитети во насока на исполнување на оваа реформска агенда и остварување на повисоки стапки на раст и просперитет.