Економија Фондот за иновации распишува повик за проекти што ќе го намалуваат загадувањето

Фондот за иновации распишува повик за проекти што ќе го намалуваат загадувањето

Фондот за иновации и за технолошки развој денеска објави јавен повик „О2 предизвик“, преку кој ќе финансира иновативен пилот-производ, услуга, процес или методологија со кои ќе може да се продонесе во намалување на загадувањето на воздухот.

За повикот се одвоени шест милиони денари и е отворен до 30 месецов. Треба да бидат доставени решенија од областите: користење енергија на греење, транспорт и мобилност и градежништво и урбани алтернативи. Може да аплицираат микро, мали и средни претпријатија, со чие вклучување Фондот сака да го прошири опфатот на корисници на средства за иновации и каде смета дека има неискористени потенцијали.

– Решенијата може да се однесуваат на промена на навиките и практиките за греење, нови технологии за следење и предвидување на состојбата со проблемот, промена на сообраќајните навики, поттикнување на намалување користење автомобили. Едно од решенијата може да биде поттикнување изработка на зелени покриви – рече на прес-конференција, директорот на Фондот за иновации и технолошкиот развој, Јован Деспотовски.

Фондот ќе финансираа 90 проценти на проектот, а другите 10 проценти ги покрива апликантот. Согласно буџетите кои ќе ги понудат апликантите, ќе се одлучи дали ќе се финанисира едно или повеќе решенија.