Македонија Фирмата на владиката Петар влегува во медиумскиот бизнис, ќе отвора телевизија

Фирмата на владиката Петар влегува во медиумскиот бизнис, ќе отвора телевизија

Преобразба ДООЕЛ барањето за отворање телевизиски канал, без објавување јавен конкурс, го доставило во ноември минатата година. Како што стои во одлуката на АВМУ, барањето било враќано за корекција неколку пати, пред да биде донесена конечната одлука - доделување дозвола за телевизиско емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи јавен ресурс, на регионално ниво

Фото: Преспанско - Пелагонска Епархија, официјална веб-страна

Фирмата „Преобразба“, во сопственост на владиката и митрополит преспанско-пелагониски Петар на Македонската православна црква (Петар Каревски), доби дозвола од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) за отворање телевизиски канал со претежно забавен општ формат.

Одлуката е објавена на веб-страницата на АВМУ и истата се однесува на Скопскиот регион, со времетраење од девет години.

Преобразба ДООЕЛ барањето за отворање телевизиски канал, без објавување јавен конкурс, го доставило во ноември минатата година. Како што стои во одлуката на АВМУ, барањето било враќано за корекција неколку пати, пред да биде донесена конечната одлука – доделување дозвола за телевизиско емитување преку јавна електронска комуникациска мрежа што не користи јавен ресурс, на регионално ниво.

Според податоците од Централниот регистар, Друштвото за производство туризам промет и услуги Преобразба ДООЕЛ Скопје е основано во август 2021 година, со влог од 5 илјади евра. Сопственик и управител на фирмата е Петар Каревски.

На владиката Петар денеска му беше исклучен мобилниот телефон и не бевме во можност да го прашаме какви се неговите планови во медиумскиот бизнис.