Здравје Филипче: Вакцинацијата е единствениот начин да го вратиме животот назад

Филипче: Вакцинацијата е единствениот начин да го вратиме животот назад

Фото: Фејсбук-страница на Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска најави дека, по зголемувањето на бројките на новозаразени лица со Ковид 19 се разгледуваат повеќе сценарија, од кои едно е и препорака за трета доза вакцина. Филипче потенцира дека вакцинацијата на граѓаните е единствениот начин нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад.

„Очигледно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот и многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот. Има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите, а околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. И покрај тоа што е сега мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата“, вели Филипче.

Тој нагласува дека едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини, а ќе се разговара и за евентуални рестриктивни мерки насочени кон оние кои не се вакцинирани.

„Нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува и може да трае и повеќе години. Затоа ставаме акцент на вакцинацијата и верувам дека нема да спласне интересот кај граѓаните“, изјави Филипче, денеска при посетата на реконструираната општа болница во Гевгелија, заедно со премиерот Зоран Заев.