Македонија Филипче против, а Адеми е за да се примаат невакцинирани првачиња

Филипче против, а Адеми е за да се примаат невакцинирани првачиња

Фото: Борче Поповски

Не отстапувам од ставот сите деца да бидат вакцинирани, и оние кои одат во градинка и оние кои се примаат, односно оние кои запишуваат во прво одделение во основните училишта, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Ова следи по изјавата на неговиот колега од ресорот образование Арбер Адеми, кој вчера изјави дека и невакцинираните деца треба да се запишат во прво одделение.

Адеми вчера рече дека една од опциите која ќе се разгледува Влада е, децата кои се невакцинирани, да се запишат во прво, па потоа да се вакцинираат, а ако и натаму останат невакцинирани да се направи теренска вакцинација.

– Нема да отстапиме од ставот сите деца што се примаат и во градинките и во училиштата да бидат вакцинирани. Не смееме, кога ги имаме сите инструменти во рацете, кога тоа е пропишано со закон задолжително да се даде таа потврда за вакцинација, да замижеме и да направиме пропуст и да ни се случуваат вакви епидемии со смртни случаи – изјави Филипче.

Тој се надева дека до утре ќе имаат усогласен став со Адеми.