Спорт ФИФА ги суспендира Блатер, Платини и Валк

ФИФА ги суспендира Блатер, Платини и Валк

Комитетот за етика на Светската фудбалска организација (ФИФА) донел одлука за привремена суспензија од функциите на претседателот на организацијата, Сеп Блатер, претседателот на УЕФА и заменик-претседател на ФИФА, Мишел Платини, и на генералниот секретар, Жером Валк, соопшти денеска Светската фудбалска федерација.

Суспензијата на тројцата високи функционери на ФИФА е за период од 90 дена, во кој им се забранети какви било активности поврзани со фудбалот.

Блатер, Валк и Платини се казнети бидејќи се под истрага на Комитетот за етика на ФИФА, поради сомневања за корупција.

„Одлуката е донесена врз основа на истрагите што ги водат истражните органи на комитетот за етика“, стои во соопштението на ФИФА.

Забрана за работа на национално и на меѓународно ниво во период од шест години и казна од 100.000 швајцарски франци му е изречена и на поранешниот заменик-претседател на ФИФА, Чунг Монг-јун.

Одлуките на Комитетото за етика на ФИФА стапуваат на сила веднаш.