Култура Фестивалот „Актерот на Европа“ од 6 до 11 јули

Фестивалот „Актерот на Европа“ од 6 до 11 јули

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“, ќе се случува од денеска до 11 јули во Ресен.

Оваа година првпат е воведено интернационалното признание „Клучевите на Преспа“, што фестивалот, заедно со Општина Ресен, го доделува на исклучителни научни и духовни фигури, кои во својот професионален ангажман ја имаат Преспа како научен и духовен приоритет.

Први добитници на ова признание се големиот француски научник Гзавиер Боне, кој 20 години ја истражува фауната на влекачите на островот Голем Град и се смета за еден од идните нобеловци од Европа, и академик Вера Битракова-Грозданова, која 40 години од својата научна дејност посвети на историските слоеви на минатото на Преспа.

На свеченото отворање, покрај обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов, ќе се обратат и амбасадорот на Словенија во Македонија, Бранко Раковец, и амбасадорката на Франција во Македонија, Лоранс Оер.

Фестивалот на кој досега учествувале повеќе од 150 претстави од речиси сите европски земји, се одржува во организација на „Езеро без граници“, Општина Ресен и на Универзитетот за аудиовизуелни уметности, а со поддршка на Министерството за култура.