Дописници Фекалии од септички јами избиваат во домови во Брвеница

Фекалии од септички јами избиваат во домови во Брвеница

Фекалиите од септичките јами почнаа да избиваат во домовите на жителите од Брвеница. Поројните дождови и снежните врнежи ги наполнија јамите иако се чистат двапати месечно, велат мештаните кои стравуваат од појава на заразни болести.

– Во Брвеница не се живее, фекалиите од септичките јами избиваат и во дворовите, а сега фекалии имаме и по домовите. Докторите кај секој член од моето семејство пронајдоа бактерија предизвикана од нечистотија – изјави Ефто Блажевски, жител на Брвеница.

Во Брвеница има повеќе од 1.000 куќи. Секој дом има по една септичка јама, кои шират непријатна миризба и преставуваат потенцијална еколошка бомба. За да се надмине проблемот, потребно е во селото да се изгради фекална канализација, велат мештаните.

Градоначалникот на Општина Брвеница, Енвер Пајазити, вели дека проблемот ќе се надмине и дека напролет ќе почнат градежни активности за изградба на фекална канализација, а парите ќе ги обезбеди Владата.
.
– Пари за фекална канализација ќе обезбеди Владата на Македонија, која на 33. седница во ноември минатата година нè задолжи да изработиме техничка документација за изградба на канализацијата – изјави Пајазити.

Во Брвеница нема ниту атмосферска канализација и по секој дожд улиците и тротоарите пливаат во вода.