Свет Европа Европскиот парламент изгласа резолуција за Русија

Европскиот парламент изгласа резолуција за Русија

Европскиот парламент денеска со мнозинство гласови ја усвои резолуцијата во која најостро се осудува задушувањето на човековите права и кривичниот прогон на опозиционерот Алексеј Навални.

Во резолуцијата се изразува длабока загриженост поради неодамнешната одлука на руските власти невладините организации кои примаат финансиска помош од странство да се обележат како „странски агенти“ и да се ограничи нивното дејствување.

Европскиот парламент посебно ја осуди условната казна од три и пол години затвор за наводната проневера, која московскиот суд ја изрече за опозицискиот лидер Алексеј Навални и безусловната затворска казна за неговиот брат Олег.

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини соопшти дека состојбата со човековите права во Русија ќе биде предмет на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, додавајќи дека дијалогот со Москва за надворешно-политичките теми, како што се Украина и Сирија, не можат да се одвојат од внатрешната политика која Русија ја води кон критичарите на власта.