Дигитални права Етичките стандарди во новинарството најмногу се кршат во онлајн-медиумите

Етичките стандарди во новинарството најмногу се кршат во онлајн-медиумите

Показателите за бројот и видот на претставките упатени до Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) во текот на минатата година покажуваат дека етичките и професионалните стандарди на новинарството најмногу се кршат од онлајн медиумите (76,5%), а потоа од телевизиите (17,6%), а од печатените весници и неделниците (4,4%), соопшти Советот.

Од вкупно 68 поплаки поднесени до Комисијата во текот на 2018 година, најголем број се од граѓаните (33,8%), потоа од медиуми и новинари (25%), од организации и здруженија од граѓанскиот сектор (22,1%), а од носители на јавни функции, институции и политички партии (19,1%). Од донесените 68 одлуки, во 38 случаи Комисијата утврдила прекршување на Кодексот на новинарите и изрекла морална санкција, а 16 жалби биле неосновани или надвор од надлежноста на Комисијата.

„За СЕММ е најзагрижувачки фактот што најголем дел од прекршувањата се однесуваат на основните правила на етичкото новинарство: објавување точни, проверени и сеопфатни информации (во 60,5 % од случаите)  и разграничувањето на фактите од мислењето на новинарот (во 34,2% од случаите). Во 31,5% од регистрираните случаи новинарите не ја негувале културата на говор и не го почитувале принципот на примерна комуникација со јавноста. Особено загрижува и тоа што 23,7% од вкупниот број поплаки се однесувале на медиуми кои во јавноста ширеле говор на омраза, употребувале дискриминирачки искази или поттикнувале стереотипи, и на тој начин им нанесувале сериозна штета на припадниците на одделни групи“, соопштува СЕММ.

Советот за етика во медиумите на Македонија ги повикува сите медиуми да работат со професионален интегритет и да се заложат за доследна примена на основните принципи на етичкото новинарство.

„Советот ќе продолжи да го набљудува начинот на информирање на медиумите, како на оние кои се дел од членството, така и на оние кои се’ уште не се негови членки и ќе повикува на доследно почитување на Кодексот на новинарите, како предуслов за припадност кон ова наше, заедничко, професионално тело за саморегулација во медиумите“, се вели во соопштението.