Свет Балкан Ердоган: Медиумите се соучесници во убиството на обвинителот

Ердоган: Медиумите се соучесници во убиството на обвинителот

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска остро ги критикуваше новинарите, обвинувувајќи ги медиумите дека се соучесници во убиството на обвинителот во Истанбул.

Турската влада бурно реагираше на објавувањето на фотографиите, на кои обвинителот Мехмет Селим Кираз, кога левичарска група го држеше како заложно, е прикажан со пиштол вперен в глава. Владата привремено го блокираше пристапот до „Фејсбук“, „Твитер“ и до „Јутјуб“.

Ердоган, кој повеќепати е критикуван за загрозување на слободата на медиумите, исто така обвини некои новинари дека се „убијци и крадци“.

– Новинарските здруженија што ги отворија своите страници и екрани за терористичка пропаганда, се соучесници во убиството на нашиот обвинител. Во западните земји, кои се сметаат за колевка на демократијата, ваква ситуација никогаш не би се случила. Во тие земји, медиумските институции кои станале орудие на пропагандите на тероризмот и на терористите би биле предмет на формална забрана – рече Ердоган за време на своето редовно неделно обраќање.
Турскиот претседател рече дека некои од луѓето кои се претставуваат како новинари, всушност, се терористи.

– Тие се убијци на полицајци, тие се разбојници кои крадат од банкомати. Тие убиваат војници и тие фрлале бомби – рече Ердоган, додавајќи дека „овие луѓе се терористи“.