Економија Еколошките ознаки на хотелите значат и поквалитетна услуга за туристите

Еколошките ознаки на хотелите значат и поквалитетна услуга за туристите

Четири хотели доставија пријави до Министерството за животна средина и просторно планирање, за еколошка ознака за туристичко сместување. Овие ознаки би означувале дека со својот начин на работа, хотелите се грижат за животната средина и даваат подобра и поквалитетна услуга на туристите.

– Еколошките ознаки за хотелите ќе означуваат дополнителна вредност во хотелската понуда. Овој процес помага да се воочат потребните промени во начинот на работа, со кои се подобрува квалитетот на услугите и се влијае на зголемување на бројот на туристички посети. Со примената на стандардите утврдени со еколошкото означување, се овозможува драстично намалување на трошоците за вода, електрична енергија и на гориво, преку направени заштеди во потрошувачката – изјави заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски.

Првите хотели што ќе ја добијат оваа ознака ќе бидат ослободени од економски надоместок, за првите три години. Критериумите за добивање ваква ознака се: заштеда на енергија и на вода, намалување на количествата на создаден отпад, едукација на персоналот и на гостите и преземени општи мерки за заштита и за унапредување на животната средина.