Дописници „Еко герила“: Или чист воздух или блокирање на институциите

„Еко герила“: Или чист воздух или блокирање на институциите

На протестот против загадениот воздух, еколошкото здружение „Еко герила“ побара за една недела, односно до 25 овој месец, да се преземат соодветни мерки против предизвикувачите на аерозагадувањето во Тетово, а во спротивно најави блокади на институциите.

– Ова е ултиматум што го упатуваме до Владата и до Општина Тетово. Од нив бараме да престане со работа „Југохром“, сè додека не се постават филтри, да се дислоцира дивата депонија која тетовското комунално претпријатие ја користи за претовар на сметот, да се исклучат од сообраќај возилата што не ги исполниле еколошките стандарди. Овој ултиматум, властите нека го сфатат сериозно, а во спротивно ќе ги блокираме влезовите на институциите и патните правци што водат до „Југохром“- изјави Аријанит Џафери од „Еко герила“.

Учесниците на протестот истакнаа дека нема да дозволат небото над Тетово да има поинаква боја од сината.

– Сакаме да имаме сино небо, незагадено, а толеранцијата кон загадувачите ќе биде нула – изјави еден тетовец.

И на денешниот протест против загадениот воздух имаше неколку илјади тетовци кои вчера, исто така, марширајќи по градските булевари, бараа властите да им обезбедат чист воздух.