Економија ЕК: Порастот на македонската економија ќе изнесува 3,3 отсто

ЕК: Порастот на македонската економија ќе изнесува 3,3 отсто

Европската комисија предвидува пораст на македонската економија од 3,3 проценти за годинава и пораст од 3,5 проценти за 2017 година.

– Во 2016 и во 2017 година, порастот се предвидува да остане цврст. Домашната побарувачка ќе остане клучен двигател и потрошувачката на домаќинствата се очекува да има корист од позитивните трендови за зголемување на платите, создавањето работни места, како и од понатамошно зголемување на трансферите и на пензиите – стои во извештајот.

И за годинава, главен предизвик за Македонија е фискалната консолидација, високите социјални трансфери, зголемувањето на јавниот долг, како и невработеноста кај младите и кај жените.

Комисијата препорачува приватната потрошувачка да остане клучен двигател на порастот во Македонија, а власта да го намали трошењето и нивото на јавниот долг.

Според пишувањата во извештајот, Владата ја зголемила потрошувачката, особено за социјалните трансфери и за платите во јавниот сектор, и дополнителните приходи од данокот на додадена вредност не биле искористени за обнова на фискалниот простор.

Придонесите од нето-извозот се намалуваат, а увозот и понатаму ќе остане висок со оглед на содржината на увоз на производство од страна на странски компании, што е околу две третини од извозот на економијата.