Македонија ЕК нема да испрати експерти за надзор на „Пуч“ и на „Прислушување“

ЕК нема да испрати експерти за надзор на „Пуч“ и на „Прислушување“

Европската комисија (ЕК) нема да испрати експерти за надзор на работата на јавното обвинителство по предметите од случајот „Пуч“ и од аферата „Прислушување“, одговориле од ЕК на поканата на Обвинителството.

„Во одговорот сме известени дека Европската комисија во моментов нема да врши надворешната експертиза во содржината на која било поединечна кривична постапка. Притоа, во дописот е истакнато дека сметаат дека единствено надлежно тело да ја цени објективноста или транспарентноста на активностите на јавните обвинители е судот од прва инстанца (и во случај на жалба, Апелацискиот суд)“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Поканата до Европската комисија од обвинителството тогаш ја објаснија како „одраз на цврстиот став дека јавните обвинители доследно постапуваат во согласност со законите и дека јавноста нема причина за сомневање за нивното постапување“.

„Јавното обвинителство повторно ја искажува својата отвореност и покана за меѓународни експерти од ЕУ. Ценејќи ги домашните закони и европските стандарди, а во насока на намалување на сомневањата во јавноста, јавното обвинителство и понатаму ќе продолжи со транспарентноста и со подготвеноста за соработка со сите релевантни фактори“, се наведува во денешното соопштение од Обвинителството.