Свет Еден од основачите на „Мосак Фонсека“ си поднесе оставка од владиниот совет

Еден од основачите на „Мосак Фонсека“ си поднесе оставка од владиниот совет

Германски адвокат и еден од основачите на компанијата „Мосак Фонсека“, Јирген Мосак, поднел оставка во советодавниот одбор на панамската влада за надворешна политика.

Министерството за надворешни работи денеска соопшти дека Мосак неделава поднел оставка на почесното, неплатено место во Националниот совет за надворешна политика, неформален советодавен одбор.

Мосак и неговиот партнер Рамон Фонсека имале големо политичко влијание во Панама пред аферата во која од нивната адвокатска фирма протекоа досиеја за офшор-работењето на светската елита.

Другиот основач на компанијата, Рамон Фонсека, до февруари бил член на кабинетот на панамскиот претседател, Хуан Карлос Варела.

Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари објави 11,5 милиони документи во кои се опишува како политичките лидери, бизнисмени и други јавни личности основале офшор-компании, а многумина од нив така переле пари и затајувале данок.