Македонија ДЗС: Пожарите во Малешевијата целосно ставени под контрола, романскиот авион гаснел кај...

ДЗС: Пожарите во Малешевијата целосно ставени под контрола, романскиот авион гаснел кај Раовиќ

Фото: Фејсбук страница на Бригада за противпожарна заштита на Град Скопје

Шумските пожари што опустошија големи површини во близина на Пехчево и Берово се целосно ставени под контрола, соопшти предмалку Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

Во последниве два дена посебно беше опасен пожарот што се закануваше на малешевското село Будинарци, но според информацијата што на прес-конференцијата претпладнево ја соопшти Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и според најновата потврда објавена на Фејсбук-страницата на ДЗС, избегната е опасноста пожарот и понатаму да се шири.

Инаку, според ДЗС, авионот Ц-27 Спартан на романското воено воздухопловство, кој е специјализиран за гаснење пожари, денеска дејствувал над с. Раовиќ, општина Сарај, при што фрлал 6 тонски кеси со вода во форма на падобран-бомб,а кои се распрскуваат врз огнот.

На терен кај Раовиќ се тимовите на ДЗС со 13 лица, Доброволното ПП друштво „Бајрам Мифтари“ со 5 пожарникари и 22 припадници на АРМа.