Македонија ДЗС: Граѓаните да ги почитуваат препораките, a институциите да бидат на располагање

ДЗС: Граѓаните да ги почитуваат препораките, a институциите да бидат на располагање

Граѓаните навремено да се информираат за промените во временските услови, да ги почитуваат одредбите за управување со возила во зимски услови и да се зголеми подготвеноста на институциите за да ги вклучат расположливите капацитети и средства, беше кажано на состанокот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со надлежните институции, а во врска со најавените временски услови со поларна температура и со врнежи од снег кои се очекуваат од утре.

– Препорачано е и да се дадат навремени упатства за движење на моторни возила на критични точки, а локалната самоуправа да ги стави во подготвеност своите сили и опрема – информираат од ДЗС.

На состанокот биле присутни претставници од министерствата за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи и за финансии, АРМ, Агенцијата за електронски комуникации, МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН, УХМР, Црвениот крст, Федерацијата на планинарски спортови, Воено-медицинскиот центар и Агенцијата за храна и ветеринарство.