Економија ДЗР: Буџетските корисници да ја достават годишната завршната сметка до крајот на...

ДЗР: Буџетските корисници да ја достават годишната завршната сметка до крајот на месец февруари

фото: Порталб.мк

Државниот завод за ревизија ги потсетува буџетските корисници дека се должни да бидат транспарентни и да ги достават завршните сметки.

„Со цел навремено и транспарентно информирање на субјектите кои имаат законска обврска до Државниот завод за ревизија да ја достават Годишната/Завршната сметка согласно Законот за сметководството за буџетите и буџетските корисници („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/02, 98/02, 81/05, 24/11, 145/15 и 170/17 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/21), укажува дека буџетите и буџетските корисници имаат обврска завршните сметки да ги достават до Регистарот на завршните сметки при Централниот регистар и до Државниот завод за ревизија до крајот на месец февруари и истите да ги објават на својата веб страница во рок од 15 дена од денот на доставување на завршните сметки“, потенцираат од ДЗР.

Од таму, потсетуваат и дека буџетите и буџетските корисници се должни да ја достават завршната сметка, односно основните финансиски извештаи кои содржат:

  • биланс на состојбата,
  • биланс на приходите и расходите,
  • образложенијата за финансиските извештаи кои опфаќаат сметководствени политики и објаснувачки информации за финансиските извештаи.

Во врска со сметководствените политики нагласуваат дека потребно е да содржат специфични принципи, основи, правила или практики со кои се презентираат информации за основите за мерење користени при подготовка на финансиските извештаи и специфични сметководствени политики кои се избрани/усвоени и применети од страна на субјектот за значајни трансакции и настани.

„Објаснувачките информации вклучуваат описи или подетални табели или анализи на износите прикажани во финансиските извештаи како и дополнителни информации и се презентираат на систематски начин. Секоја ставка во рамките на билансот на состојба, билансот на приходи и расходи, извештајот за промени во главнината треба да биде поврзана со соодветна информација во објаснувачките информации. Сметководствените политики и објаснувачките информации се одговорност на раководството на субјектот кој е предмет на ревизија и истите имаат обврска да ги достават до Државниот завод за ревизија заедно со основните финансиски извештаи“, појаснија од Државниот завод за ревизија.