Македонија Двочасовна пауза на рочиштето за „Труст“, СЈО не ги нумерирало доказите за...

Двочасовна пауза на рочиштето за „Труст“, СЈО не ги нумерирало доказите за одбраната

Примерокот од листата на докази на СЈО за случајот „Труст“ повторно предизвика застој на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, поради што судијката Лидија Зимбовска даде двочасовна пауза.

СЈО денеска почна со изведување на доказите, но адвокатите на одбраната реагираа дека во листата што ја добиле од обвинителството, доказите не се нумерирани и не можат да го следат обвинителот за кои докази зборува.

Поради ова судијката Зимбовска даде два часа пауза, за СЈО повторно да ја испечати листата со докази, кои се наведени на 80 страници, овојпат со редни броеви како што бараат адвокатите.

Инаку, денеска пред судот треба да сведочи Васил Ристовски, управител на „Силекс неметали“, една од трите фирми за кои се води постапка во случајот „Труст“. Ристовски, кој денеска се појави во судот, треба да сведочи попладне, по паузата.

На претходното рочиште сведочеше Фаим Имери – Фичо, сопственик и управител на фирмата „Фичо сервис“, која со години соработува и ѝ продава градежни машини на фирмата „Трансмет“ на бизнисменот Сеад Кочан, обвинет во случајот.

Кочан, Авировиќ и Ватиќ, како и фирмите „Трансмет“, „Силекс неметали“ и „Вато“, СЈО ги товари дека со невистинити и фалсификувани документи добиле тендер на „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) вреден 17 милиони евра.