Свет Европа Двајца Швеѓани убиени во терористички напад во Брисел

Двајца Швеѓани убиени во терористички напад во Брисел

Двајца беа убиени и еден повреден, осомничениот постирал на социјални медиуми дека се работело за „одмазда во име на Муслимани“

Фото: David von Diemar on Unsplash

Вчерашниот напад во главниот град на Белгија резултираше со двајца загинати и едно повредено лице. Сите тројца биле Швеѓани, а во исто време се одвивал фудбалски натпревар меѓу Шведска и Белгија на само 5 километри од местото на нападот, известува Скај њуз.

При апсењето на осомничениот тој бил убиен. Белгискиот министер за внатрешни работи вели дека оружјето кое било на него било истото кое било искористено во нападот, велат од Гардијан.

Вчера на социјалните медиуми осомничениот постираше видео во кое тој вели дека е член на Исламската држава и дека нападот бил „одмазда во име на Муслиманите“. Неговиот вистински идентитет сѐ уште не е познат, известуваат од Си-ен-ен.

Ерик ван Дујс, портпаролот на белгиското јавно обвинителство, вели дека сѐ уште се работи на тоа да се утврди мотивацијата за нападот, но дека најверојатно е поврзано со тоа што нападнатите биле Швеѓани.

„Во оваа фаза на истрагата, нема индикации за потенцијална поврзаност со ситуацијата во Израел. Итно се преземени безбедносни мерки за да се заштитат шведските навивачи што е можно повеќе“, дополни Ван Дујс.

Фудбалскиот натпревар за квалфикации за Европското првенство беше прекинат по првото полувреме.

Нападот следи низа протести во Шведска и во Данска на кои се палеа примероци од Куранот. Ваквите протести, пак, предизвикаа остра реакција од многу земји со муслиманско мнозинство.