Македонија Отворена првата средношколска училница по кинески јазик во Македонија

Отворена првата средношколска училница по кинески јазик во Македонија

Првата средношколска училница на кинески јазик во Македонија

Меѓународните училишта „Нова“ и Институтот „Конфучиј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, вчера почнаа соработка што подразбира организирање настава по кинески јазик во оваа образовна установа. Со чинот на потпишување меморандум за соработка меѓу двете споменати институции, кинескиот им се придружи на францускиот, италијанскиот, германскиот и на шпанскиот јазик, кои моментно се изучуваат како странски јазици во „Нова“. Со отварање на првата средношколска училница по кинески јазик, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, го продолжи својот проект за популаризација на кинескиот јазик и култура во Македонија. Оваа учебна година наставата по современ кинески јазик и култура ќе ја следат 14 ученици.

На присутните им се обратија ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Велимир Стојковски, и директорот на Меѓународните училишта „Нова“, Венера Новаковска.

– Кинескиот е прв од источно-азиската група јазици што ќе се изучува во „Нова“ заедно со тие од европското говорно подрачје. Имајќи предвид дека Кина е сè поприсутна на светската сцена, ова е само почеток на подолгорочен процес на соработка во кој следни чекори би биле размена на ученици, како и евентуалното отворање мултимедијална училница во „Нова“ посветена на кинескиот јазик и култура – истакна Новаковска.

Таа, исто така, се заблагодари на одличната соработка со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, ректорот проф. д-р Велимир Стојковски и со Институтот „Конфучиј“, нагласувајќи дека со интензивирањето на македонско-кинеските економски односи, ќе се јави поголема потреба од изучување на кинескиот јазик и подобро разбирање на културните особености. Почнувањето на наставата по кинески јазик во „Нова“ е уште еден чекор кон целта за меѓусебно приближувањето на двете култури.

Покрај останатите гости, присутни беа и кинескиот директор на Институтот „Конфучиј“, проф. д-р Шиџонг Денг, и македонскиот директор на оваа организација, проф. д-р Бранислав Саркањац.