Македонија ДУИ за договорот: Македонија од синоќа е посилна

ДУИ за договорот: Македонија од синоќа е посилна

Демократската унија за интеграција (ДУИ) го поздрави вчерашниот договор, за како што се вели во соопштението од партијата, „единствената отворена точка од договорот од 2 јуни, која се однесуваше на формата на владата што ќе ги организира предвремените избори“.

„Македонија од синоќа е посилна, ја врати политичката стабилност и се доближи уште повеќе до НАТО и до ЕУ. ДУИ им се заблагодарува на авторитетите од меѓународната заедница за придонесот кон постигнување конечен договор и изразува почит и за конструктивната улога на партиските лидери во правец на надминување на тешката политичка криза во земјава“, стои во соопштението на ДУИ.

Од партијата велат дека „договорот од 2 јуни заедно со извештајот на Рајнхард Прибе, итните препораки на Европската комисија (ЕК), препораките на високиот дијалог од ЕУ како и препораките на анкетната парламентарна комисија за настаните од 24 декември, се предмет на работната група под раководство на Петар Ванхут, со учество на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА, како и олеснувањето на ЕУ и на САД“

Во контекст на договорот на 2 јуни, ДУИ до работната група доставила предлози за точките што се однесуваат на меѓуетничките односи, односно: „Поделба на 3 најзначајни државни позиции со ротација (Претседател, Премиер, Претседател на Собрание), фер и правична распределба на буџетот, балансиран регионален развој, јазичните политики, адекватна и правична застапеност, консензуалност, помирување, националните симболи, договорот од 29 мај, 24-часовна државна телевизија на албански јазик, мерки за градење доверба и ресоцијализација“.

Како теми на разговор од ДУИ биле предложени односите со Албанија, Косово, Бугарија и со Грција, заедно со предлозите за забрзување на евроатлантската интеграција на земјата.