Македонија ДС: Упадот во Собранието е подготвено сценарио со учество на раководители од...

ДС: Упадот во Собранието е подготвено сценарио со учество на раководители од МВР

Демократскиот сојуз бара политичка и правна одговорност за инспираторите, организаторите и за директните учесници во вчерашните насилства во Собранието, во кои беа нападнати пратеници и новинари.

Од партијата на поранешниот пратеник Павле Трајанов велат дека насилниот упад е однапред подготвено сценарио со директно учество на високи раководители од Минитерството за внатрешни работи.

„Демократскиот сојуз инсистира на кадровски промени во МВР и во други надлежни институции кои целосно потфрлија и дозволија насилство над пратеници, новинари, вработени во Собранието и припадници на полицијата. Демократскиот сојуз ги повикува сите граѓани будно да ја следат состојбата, но да останат смирени и присебни, да не подлегнуваат на провокации и да не се вклучуваат во протести кои се со висок ризик и да направат сè што е потребно за да се спречи можно понатамошно нарушување на јавниот ред и поредок“, стои во соопштението на ДС.

Оттаму додаваат дека во овие критични моменти за државата, мирот и за стабилноста, очекуваат кај лидерите на партиите да преовлада чуството на одговорност и на државност и активно да дејствуваат на смирување на состојбите.