Македонија Државниот врв со честитки за Денот на албанската азбука

Државниот врв со честитки за Денот на албанската азбука

Пендаровски потсети дека пред 115 години, унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор кон кодификацијата на албанскиот јазик, се случи токму во Битола

Првото албанско училиште во Корча (Горица) / фото: Порталб

Честитки по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, упати денеска државниот врв до припадниците на албанската етничка заедница во Македонија.

Претседателот Стево Пендаровски испрати желби за мир, здравје, радост и благосостојба, но и желба „да ги потврдиме заедничките уверувања за солидарност и за рамноправност, како клучни за просперитетот на нашата заедничка татковина“.

Пендаровски потсети дека пред 115 години, унифицирањето на албанската азбука како клучен чекор кон кодификацијата на албанскиот јазик, се случи токму во Битола.

„На почетокот на 20 век во тогашната Отоманска Империја, највидните албански интелектуалци од целиот свет се собраа на конгрес којшто ќе резултира со историската одлука за усвојување на албанската азбука. Плодовите од овој круцијален политички и културен чин ги уживаат сите Албанци каде и да се. Ние сме горди што денес албанската заедница е нераскинлив дел од мултикултурна и мултиетничка Република Северна Македонија“, се вели во честитката на Пендаровски.

Во име на собраниските пратеници, честитка упати спикерот Талат Џафери. Тој рече дека јазикот е моќна алатка која обединува, а во нашата земја е додадена вредност која обединува луѓе и идеи и придонесува во напредокот и развојот на државата.

„Ние, како одговорни политичари, имаме обврска да го чуваме и надградиме тој аманет на секој чекор, со секое дело и со секоја иницијатива што ја преземаме, а младите генерации треба да ја знаат вредноста на жртвата што е направена за да се постигне да се биде на рамништето на етаблирани светски нации со цврст и неоспорен идентитет“, порача Џафери.

Честитка стигна и од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Албанското писмо станува дел од рамноправните, модерно формирани европски писма и дел од разноликото светското културно наследство. Впрочем, токму на тоа нè повикуваат и европските вредности, како наши вредности воспоставени со концептот Едно општество за сите – солидарност, соживот, меѓусебна почит. Обединети во различностите продолжуваме на патот на нашата интеграција во Европската Унија!“, напиша Спасовски на Фејсбук.