Економија Домашните компании се жалат на нелојална конкуренција од странците

Домашните компании се жалат на нелојална конкуренција од странците

Македонските бизнисмени повеќепати истакнале дека се во неправедна положба во однос на странските инвеститори.

Тие сметаат дека олеснувањата што државата им ги дава за секое вработено лице, би им помогнале и ним во процесот на работење.

– Ако ме ослободат од плаќање персонален данок, како што се ослободени странските инвеститори, ќе можам без проблем на вработените да им исплатам К15 или, пак, 13. плата. Или ако ме ослободат од плаќање превоз, ќе им исплатам хранарина на работниците. Ние не работиме според исти услови и стандарди со странските инвеститори. Со олеснувањата и со привилегиите што ги имаат, на домашните компании им се создава нелојална конкуренција. Проблем е што не можеме да најдеме и работници кои бегаат од кај нас и одат да работат за нив. Нема работници во Радовиш, Пробиштип, Штип – изјави за „Мета“ сопственикот на фабриката „Баргала“, Константин Барзов.

На Третата традиционална конференција на македонскиот пазар на хартии од вредност, генералниот директор на „Прилепска пиварница“, Сашко Самарџиоски, истакна дека не е сигурен каков е ефектот од странските инвестиции врз реалниот сектор.

– Точно е дека во моментов најголеми извозници се токму странските компании што работат во технолошко-индустриските зони, но тие, во исто време, се и најголеми увозници. Така, на нето-основа, нема некоја додадена вредност за македонската економија – смета Самарџиоски.

Компаниите што отвораат фабрики во слободните зони, покрај даночни и царински ослободувања, добиваат и државна помош од буџетот за секое работно место. Но, финансиска помош се дава и за обуки и за преквалификации на работниците.