Македонија „Дојче телеком“ за прислушувањето: Тоа е локално прашање

„Дојче телеком“ за прислушувањето: Тоа е локално прашање

„Дали „Дојче Телеком“ е свесна дека нејзината експозитура во Македонија „Т Мобиле МК“ е инволвирана во злоупотреба во валкана политичка игра“, е прашањето што преку својот профил му го поставува твитерџијата Бени на германскиот телекомуникациски гигант.

Одговорот кој го доби на официјалниот твитер-профил на „Дојче телеком“ е: „Тоа е локално прашање. Ве молиме контактирајте со „Т Мобиле МК“.

По објавувањето на снимките од прислушуваните разговори, експертите излегоа со став дека доколку прислушувањето е дело на македонските безбедносни служби, конкретно Упрвата за безбедност и контраразузнавање, како што тврди лидерот на опозицијата, Зоран Заев, тоа не можело да биде направено без  мобилните оператори во земјата, меѓу нив и „Ти-мобајл“.

Од друга страна, со Законот за електронски комуникации, донесен во февруари минатата година, мобилните оператори се обврзани на свој трошок  да ја обезбедат и одржуваат опремата, соодветниот интерфејс и да воспостават електронски комуникациски водови за пренос до надлежната институција (орган) овластен за следење.

За опремата, операторите се должни да побараат техничка спецификација од надлежниот орган, кој ги утврдува и мерките и стандардите за информациска безбедност, кои треба да ги примени операторот.