Македонија Владата утре ќе го разгледува предлогот за затворање на конзулатот во Барселона

Владата утре ќе го разгледува предлогот за затворање на конзулатот во Барселона

Владата утре, со почеток во 12 часот, ќе ја одржи редовната седница на која, меѓу другите точки на дневниот ред, ќе ја разгледа предлог-одлуката за давање инкубатори на трајно користење на повеќе клиники во земјата.

Владата ќе го разгледа предлогот на Министерството за надворешни работи за затворање на Почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со предлог-одлука, како и предлог за отповикување на почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона.

Министрите на оваа седница ќе ја разгледаат и информацијата за листата на документи што министерствата во согласност законите се обврзани да ги објават на своите веб-страници.

На дневниот ред на седницата ќе се најде и информацијата за предлог за пренамена на средства од Проектот за национални патишта, втора фаза, за изградба на патните правци Охрид – Пештани и Требеништа – Струга, како и информацијата за сервисирање на долгот за вода и репрограмирање на долгот за вода на Јавната установа од областа на здравството за потребите на ЈЗУ Универзитетски клиники, завод и ургентен центар – Скопје.

Агенцијата за филм на Република Македонија на седницата ќе ја презентира информацијата во врска со проект „Играна серија ‘Македонија’“.