Македонија До вторник ВМРО-ДПМНЕ треба да се изјасни за предлогот на СДСМ

До вторник ВМРО-ДПМНЕ треба да се изјасни за предлогот на СДСМ

Најдоцна до вторник ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори на понудата на СДСМ за заемно повлекување на амандманите од преостанатите две нерешени прашања -медиумите и прочистувањето на избирачкиот список. Имено, пред почетокот на синоќешната средба на работните групи, СДСМ на владејачката партија ѝ предложи забелешките што ги имаат за методологијата за прочистување на избирачкиот список да ги повлече ако ВМРО-ДПМНЕ се согласи да ги прифати предлозите на меѓународната заедница за реформи во медиумите.

Средби не се оечкуваат до вторник и поради тоа што посредникот во преговорите, Питер Ванхауте, од денеска е на консултации во Брисел.

И покрај инсистирањето денеска не можеше да се добие информација од ВМРО-ДПМНЕ дали овој предлог од конкурентската партија за нив е прифатлив, иако одговорот може да се препознае по пишувањето во провладините медиуми, според кои:

„Опозиционерите измислуваат услови за подоцна да се пазарат за работи кои нив им се важни. Тоа индиректно значи и признавање дека намерно се кочи ДИК, преку предлози кои суштински ништо нема да подобрат, туку се користат како средство за пазарење.“

Закон за владино рекламирање и комбинирана форма за функционирање на МРТВ по словенечко-германско-белгиски модел се предлозите на ВМРО-ДПМНЕ за регулирање на медиумите.

Од владејачката партија предлагаат финансирањето на МРТВ да биде на два начина: едниот начин е да се финансира преку буџетот, а вториот преку радиодифузна такса. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ предложила Советот на МРТВ да остане ист, a 100 дена пред изборите, информативната програма да ја уредуваат двајца уредници, еден од власта и еден од опозицијата.

Од владејачката партија предлагаат и Советот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги да биде составен од седум члена, од кои по два члена треба да предложат ЗНМ и МАН, а од кои едниот да биде од националните телевизии. Според предлогот на власта, по еден член треба да предложат и интеруниверзитетската академија, МАНУ и адвокатската комора.

ВМРО-ДПМНЕ предложила и намалување на казните за медиумите, а бара и сите медиуми во Македонија да се регистрираат како трговски друштва.

Овие предлози се неприфалтиви за СДСМ и за Здружението на новинари на Македонија.