Македонија Димовски: СДСМ да ја прифати методологијата за прочистување на избирачкиот список

Димовски: СДСМ да ја прифати методологијата за прочистување на избирачкиот список

ВМРО-ДПМНЕ денеска го повика СДСМ да ја прифати методологијата за прочистување на избирачкиот список подготвена од Државната изборна комисија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ изјави дека ДИК минатата недела усвои методологија за прочистување на избирачкиот список за која гласаа членовите на ДИК, дури и тие што се таму по предлог на СДСМ.

– СДСМ во своја изјава посочи дека немаат никакви забелешки за оваа методологија и дека за нив е прифатлива, но сè уште не даваат формална согласност, како што е предвидено со Изборниот закон и на тој начин свесно одолжуваат. Стратегијата е јасна. Предизвикуваат проблеми и хаос секаде каде што можат и секаде каде што нема. СДСМ не сака да се прочисти избирачкиот список, туку сака да продолжи политичката криза и агонија во Република Македонија – изјави Димовски.

Доколку од СДСМ сакаат понатамошна регулација на медиумите, истакна Димовски, треба да изберат од која земја-членка на Европската унија сакаат да се преземе законот за медиуми и да се имплементира во Македонија без никакви промени или интервенции.

– СДСМ го потпиша договорот од јуни и јули во кој прецизно беше утврден датумот за избори на 24 април 2016 година. СДСМ во Собрание го гласаше Изборниот закон, во кој како законска обврска е поставен денот на избори да биде 24 април 2016 година. Сите партии потписници стојат зад овој договор, а СДСМ е единствената партија која сака да го прекрши. Затоа што знаат дека граѓаните не ги поддржуваат, од СДСМ се подготвени да побараат одложување дури и на редовните избори во 2018 година. Страв им е од луѓето. Знаат дека сметката за хаосот и за проблемите што ги создадоа, токму луѓето ќе им ја наплатат – рече Димовски.