Македонија Димитров останува вицепремиер за европски прашања, интерпелацијата не успеа

Димитров останува вицепремиер за европски прашања, интерпелацијата не успеа

Извор на фото: Влада на РСМ

По вчерашната 12-часовна расправа за интерпелација на вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, „за“ гласаа 53 пратеници, 55 беа „против“ и ниту еден „воздржан“. Со тоа, Собранието не ја прифати иницијативата на опозицијата за отповикување од функцијата на Димитров.

Тој вчера во Собранието рече дека интерпелацијата за неговата работа е збир од лажни вести.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, образложувајќи ги причините за интерпелацијата во Собранието, истакна дека очекува таа да биде прифатена поради  „тоталното фијаско со европските интеграции на државата што е целосно спротивно на ветувањата на владејачкото мнозинство“.

„Ова владејачко мнозинство како ветување број еден имаше почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа што на почетокот на февруари 2021 дебатираме тука во Собранието во услови кога Македонија воопшто не почнала преговори за членство и крајно е неизвесно не само кога и дали воопшто ќе ги почне е најголемо фијаско што можеше да и се случи на оваа Влада,“ рече Николоски, според кого, за ваквата состојба најодговорни се Димитров и претседателот на Владата.

Димитров пак одговори дека во договорот јасно стои дека потписниците се обврзуваат да помогнат, а не да го блокираат нашиот пат кон ЕУ и НАТО.

„Моја работа е да преговарам и да направам договорите да бидат во најдобриот интерес на нашата држава. Јас не сум одговорен ако некоја држава одлучи да не го почитува договореното. Второ, НАТО и ЕУ се стратешка определба на 80 проценти од граѓаните, како тоа работејќи за тие цели и остварувајќи ја едната, јас ги изневерувам или носам во заблуда?,“ рече Димитров.

Ова беше трета интерпелација за Никола Димитров, а двете претходни му беа поднесени во Собранието од страна на опозицијата додека беше на функцијата министер за надворешни работи.