Македонија Димитриев: Да ѝ помогнеме на Македонија да ги надмине сите препреки

Димитриев: Да ѝ помогнеме на Македонија да ги надмине сите препреки

Претседателот на Владата за спроведување на парламентарните избори, Емил Димитриев, по повод големиот христијански празник Богојавление-Водици, денеска упати честитка до поглаварот на МПЦ-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, и до сите верници од православна вероисповед.

„На овој прекрасен ден, секоја година одново и одново се потсетуваме на големата љубов на нашиот Бог создател, на неговата милост да ни ги открие најдлабоките тајни поврзани со облагородување на душата и со прочистување на срцето. За оваа цел, Бог се јави и го испрати нашиот спасител Исус да се покрсти и да ни го покаже патот на благочестивоста и на искрената заедница со нашиот Бог“, стои во честитката.

Денеска, како што стои во честитката, сите македонски води се богојавленски води, да празнуваме и да се радуваме на денот кога Бог нè приближи кон себе и ни дари нов живот.

– Да си посакаме божја благодет, мудрост, сила и поткрепа да правиме добри дела, да гледаме напред, да се сакаме и да се почитуваме, да ѝ помогнеме на нашата земја да ги надмине сите препреки пред кои е исправена и да продолжи да чекори напред, силно и достоинствено, решително и одлучно, во интерес на подобриот живот на сите граѓани на Република Македонија, вели во честитката Димитриев.