Македонија Диме Спасов: Граѓаните лесно ја препознаваат лажната загриженост на Ременски

Диме Спасов: Граѓаните лесно ја препознаваат лажната загриженост на Ременски

Министерката за труд и социјална политика, Фросина Ременски, крајно ја девалвира функцијата и ја користи за оркестрирани напади, диригирани од нејзината политичка партија и смета дека со овој тип изјави ќе ја надомести неспособноста и неснаоѓањето во работата на министерството, вели Диме Спасов како реакција на најавата дека Ременски ќе поднесе кривична пријава против него.

„Граѓаните лесно ја препознаваат нејзината лажна загриженост во услови кога намерно и свесно доцни за решавањето на 230 предмети од областа на социјална заштита во второстепена постапка и свесно ги крши законите. За време на мандатот на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, сите предмети кои биле доставени се навремено потпишани и проследени во најбрз можен рок. Овие обиди за сензационализми нема да помогнат таа да се соочи со своите престапи. Ја разбирам потребата на Ременски да се прикрива зад вакви бомбастични изјави и ја повикувам што поскоро да ја поднесе пријавата“, се вели во реакцијата од кабинетот на Спасов.

Оттаму ја повикаа Ременски да не се бламира во јавноста со изнесување лаги, клевети и манипулации, туку да ги решава предметите во областа на социјалната заштита.