Македонија ДИК со 374 анкетари ја почна теренската проверка на спорните гласачи

ДИК со 374 анкетари ја почна теренската проверка на спорните гласачи

Теренската проверка на 89.383 спорни гласачи, почна денеска, информираат од Државната изборна комисија (ДИК). Од таму велат дека за тоа се задолжени 374 анкетари кои ќе ги посетуваат гласачите на адресите каде се регистрирани и ќе пополнуваат прашалник. На прашалниците се отпечатени имињата и презимињата на гласачите, а анкетарите податоците треба да ги земаат единствено од овие лица.

Анкетарот секој спорен гласач треба да го посети најмалку двапати, а ако не го најде тогаш треба да му остави писмено известување дека во рок од три дена треба да се јави во подрачното одделение на ДИК.

Покрај анкетарите како пасивни набљудувачи во процесот ќе учествуваат и партиски претставници. Проверките треба да завршат за една недела.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски вчера го посети подрачното одделение на ДИК на општина Центар да провери до кај се подготовките, е убеден дека ќе се запазат законските рокови.

– Обуките на анкетарите се завршени, очекуваме во текот на денот да бидат однесени и материјалите по подрачните одделенија и утре изутрина да почнат теренските проверки – рече Чичаковски.