Македонија ДИК објави јавен повик за проверка на податоците во избирачкиот список

ДИК објави јавен повик за проверка на податоците во избирачкиот список

Државната изборна комисија испрати јавен повик за проверка на податоците во избирачкиот список. Според измените и дополнувањата на Изборниот законик од 2016 година, на секои шест месеци ДИК јавно ги повикува граѓаните да извршат увид во своите податоци.

„Се повикуваат сите заинтересирани граѓани на Република Македонија, кои сакаат да извршат увид во своите податоци во избирачкиот список и доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците во истиот. Избирачкиот список кој се става на јавен увид е направен со податоци на граѓаните кои заклучно со 1 февруари 2017 година, станале полнолетни“, информираат од ДИК.

Јавниот увид може да се изврши на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија и во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК.

Барањата за измена, дополнување или бришење на податоците во избирачкиот список, граѓаните ги поднесуваат во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија.