Економија Дигиталното плаќање ги намалува трошоците, а ја зголемува ефикасноста на услугите

Дигиталното плаќање ги намалува трошоците, а ја зголемува ефикасноста на услугите

Денеска во Охрид започна 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура „Време е за дигитализација“ во организација на Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија.

„Пробивот на дигиталните плаќања се врзува со многуте можности што тие ги нудат. Прифаќањето на дигитализацијата на плаќањата има потенцијал за значително намалување на трошоците, зголемување на ефикасноста и овозможување поширок пристап до платежни услуги. Со растот на новите дигитални технологии за плаќање развиени од страна на „Финтек“, а кои што банките сè повеќе ги усвојуваат, потрошувачите и трговците денес имаат широка палета на производи за плаќање од која што можат да одбираат“, рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање.

Таа додаде дека во соработка со Министерството за финансии веќе се подготвува нов нацрт-закон за платежни услуги и платни системи во кој се транспонирани директиви и регулативи на Европската унија во областа на плаќањата.

„Новата регулатива за плаќањата има за цел да ја поттикне конкуренцијата на пазарот на плаќања на кој, традиционално, најмногу учествуваат банките, преку отворање на влезот за компаниите на „Финтек“ коишто можат да обезбедат иновативни платежни услуги, како и да воспостават и да управуваат со нови платни системи“, додаде Ангеловска-Бежоска.