Македонија Денеска седници на четири собраниски комисии

Денеска седници на четири собраниски комисии

Во Собранието на Република Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за труд и социјална политика, за одбрана и безбедност и за европски прашања.

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се закони во второ читање, и тоа, измените и дополнувањата на Законот за извршување на санкциите, дополнувањето на Законот за судска служба, предлог-закон за општата управна постапка, измените на Законот за управната инспекција и измените и дополнувањата на Законот за инспекциски надзор.

Членовите на Комисијата за труд и социјална политика треба да ги разгледаат измените и дополнувањата на Законот за работните односи, на Законот за социјалната заштита, на Законот за инспекцијата на труд и на Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, сите во второ читање.

На дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност се дополнувањето на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, измените и дополнувањата на Законот за полиција и на Законот за внатрешни работи, сите во второ читање.

Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската тарифа, во прво читање, е на дневен ред на Комисијата за европски прашања.