Македонија Денеска ќе се доделуваат ваучери за таблети за студентите

Денеска ќе се доделуваат ваучери за таблети за студентите

Денеска во Природно-математичкиот факултет, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, и деканот на факултетот, Ицко Ѓоргоски, ќе ги доделат боновите за набавување таблет-компјутери со надворешна тастатура.

Вкупно 4.570 студенти ќе добијат бесплатни таблет-компјутери во рамки на владиниот проект за доделување вредносни бонови за набавување таблет-компјутери со надворешна тастатура за потребите на редовните студенти и на студентите евидентирани како лица со посебни потреби.

Од пристигнатите 7.290 апликации, 1.938 биле одбиени, а 728 дополнително ќе се проверуваат. Најмногу бонови се доделени на скопскиот УКИМ и на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, а најмалку на охридскиот.

Таблет-компјутерите се наменети за редовните студенти од трета и од четврта година и за студентите евидентирани како лица со посебни потреби од која било година на студии во учебната 2014/2015 година, на високообразовните установи во Македонија, а кои доаѓаат од семејства со бруто-приходи не поголеми од 32.741 денар.

Боновите се со вредност од 8.000 денари, а таблет-компјутерите студентите може да ги набават најдоцна до 25 јуни.