Македонија Денеска ќе се дебатира на четири собраниски седници

Денеска ќе се дебатира на четири собраниски седници

Членовите на Комисијата за надворешна политика треба да ја констатираат потребата за носење неколку предлог-ратификации.

На дневен ред се предлог-законоте за ратификација на договорот меѓу владите на Македонија и на Словенија за полициска соработка, предлог-закон за ратификација на договорот помеѓу Швајцарската конфедерација, претставувана од Сојузната канцеларија за бегалци и Република Австрија, претставувана од Сојузното министерство за внатрешни работи, во врска со воспоставувањето и со функционирањето на „Меѓународниот центар за развој на миграциската политика (ИЦМПД)“ во Виена, со измени и со дополнувања, предлог-закон за ратификација на протоколот за изменување и за дополнување на Спогодбата од Маракеш за основање на Светската трговска организација.

На дневен ред се и предлог-закон за ратификација на дополнителен протокол кон Европската повелба за локална самоуправа за правото за учество во работите на локалната власт, предлог-закон за ратификација на дополнителниот протокол 4 на Договорот за измена и пристапување на Централниот европски договор за слободна трговија и предлог-закон за ратификација на договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Саудиска Арабија за одбегнување на двојното оданочување за даноците на доход и за заштита од даночна евазија.

Комисијата за труд и социјална политика треба да се изјасни за дополнувањето на Законот за вработување на инвалидни лица, по скратена постапка, и за предлог-закон за национална база на податоци за лица со инвалидност, во второ читање.

Измените на Законот за заштита и спасување, по скратена постапка, се на дневен ред на Комисијата за одбрана и безбедност.

Комисијата за финансирање и буџет денеска ќе го одржи третото продолжение на амандманската расправа за ребалансот на буџетот.