Македонија Демократскиот сојуз ќе ангажира експертска група за законот за амнестија

Демократскиот сојуз ќе ангажира експертска група за законот за амнестија

Демократскиот сојуз денеска соопшти дека има ангажирано експертска група што работи на подготовка на закон за амнестија.

Партијата истакнува дека поради комплексноста на прашањето, законот ќе се подготвува во соработка со Министерството за правда, Врховниот суд, Јавното обвинителство, невладиниот сектор и со експерти, доколку има интерес за тоа.

– Амнестијата е чин на простување, но и на корекција на неправда, како и можност за ресоцијализација. Демократскиот сојуз смета дека само со силни и со издржани аргументи и поширок општествен и политички консензус, можна е амнестијата – се вели во соопштението и се додава дека протестите како форма на изразување на револт се демократско право, но оти ескалацијата на незадоволството може негативно да се одрази на процесот на подготовка и на носењето на законот.

Во Македонија последната општа амнестија е спроведена во 1999 година.