fbpx

Н1: Трагедијата во Белград – дали е крив Западот или ријалити програмите на телевизиите?

Дел од српската јавност со критики за вчерашните изјави на официјалните лица од Белград, посочувајќи дека вината не треба да се бара во Западот или во интернетот

-

Изјавите на дел од српските официјални лица по нападот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, дека е виновен „трулиот Запад“ или некој друг за деветкратното убиство покажуваат дека „тука нема одговорност“, вели клиничкиот психолог Бранка Кордиќ за телевизијата „Н1“.

На прашањето каква порака сака да се испрати со ваквите изјави, Кордиќ вели дека претпоставува дека станува збор за политичка игра.

Таа укажува дека сега е време српското општество да осознае што може заеднички да се направи за да им се помогне на децата и родителите, а потоа да се испита и одговорноста на сите.

„Дали ќе ги затворат Пинк и Хепи одеднаш?“, праша Кордиќ во емисијата „Њузнајт“ и рече дека во тридневната жалост нема да гледаме реалити програми на тие телевизии, а потоа ќе продолжи преносот.

Кордиќ посочи дека не е во ред претседателот на државата јавно да чита нечија психолошка евиденција.

„Тоа е најтајната информација. Сега навистина ми се чини дека различни министерства, вклучително и претседателот, треба да се консултираат со струката“, рече таа.

Весна Војводиќ, претседателката на Синдикатот на просветни работници на Србија „Независност“, рече дека на социјалните мрежи децата можат да ги најдат „сите нејасни, страшни модалитети на однесување кои се спротивни на она што треба да ги учиме децата“.

Зборувајќи за изјавата на министерот за образование Бранко Ружиќ за „западните вредности“ и за тоа дека немало пропусти во системот, таа праша „тогаш какви очекувања можеме да имаме ако нешто тргне наопаку во тој „идеален систем““.

За префрлањето на вината на интернетот, Војводиќ вели – сакаме ли да бидеме како некои земји на Далечниот Исток и да го исклучиме Интернетот, верувајќи дека тоа ќе ги спаси децата?

„Мене ова ми изгледа како „Цацко е крив“, западните сили не го избраа министерот Ружиќ на функцијата, ние го добивме него, знаеме кој го избра, па да видиме што направил досега“, рече Војводиќ.

Таа праша и што значи денешната настава која, како што вели, за многу деца и наставници ќе биде пострашна од вчерашниот ден и ќе започне со едноминутно молчење.

„Дали утре, по едноминутно молчење, да продолжиме да предаваме, да ги испрашуваме тие деца? Какво отсуство, не само на емпатија, на професионализам, туку и на основна хуманост“, рече таа.

Поранешниот началник на полициската управа за Белград, Марко Секулиќ, вели дека нападот во училиштето во Врачар е единствен случај во српската полициска практика во поново време.

Според него, суштината е дека нема доволно координација на образованието со родителите и корелација меѓу наставниците и децата.

„Овие флоскули што ги слушаме цело попладне ја доведуваат во заблуда јавноста и ништо друго“, рече тој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Измама: Лажен доктор нуди лажен лек за болки во зглобови

Ова е типична онлајн измама која неетички ја користи маката што ја имаат некои луѓе со болести на зглобовите, со цел да ги намами да потрошат еден куп пари...