Култура Дејан Дуковски ќе го отвори фестивалот „Лица без маски“

Дејан Дуковски ќе го отвори фестивалот „Лица без маски“

Дејан Дуковски ќе го отвори осмото издание на Интернационалниот театарски фестивал „Лица без маски“, на 18 април, во 20 часот, на сцената на Театар „Комедија“, со култната претстава „Буре барут“.

По свеченото отворање, ќе биде изведена и претставата „Морам да ти кажам нешто“ на Џузепе Бонифати од Италија, во тоалетите на Театар „Комедија“, во 22 часот. Следната фестивалска вечер, на 19 април, е резервирана за македонската независна продукција. Во 20 часот на малата сцена на МОБ, ќе биде изведена претставата „Семејни приказни“, во режија на Ангелчо Илиевски, а во 22 часот истиот ден на малата сцена во „Универзална сала“ ќе гостува претставата „К“, во режија на Хана Миленковска.

Претставата „Копилиња во умот“, на победниците на „Лица без маски“ од пред две години, театарот „Софија Амендолеа“, ќе биде изведена на малата сцена на МОБ, на 20 април, во 20 часот.

Последниот фестивалски ден е посветен за „Машината Јан Бибијан“, на режисерот Петар Пашов и на театарот „Атељр 313“ од Софија, Бугарија, која ќе биде изведена на 21 април, од 20 часот.