Македонија Чувар крадел лични предмети на Тито од Музеј во Белград

Чувар крадел лични предмети на Тито од Музеј во Белград

Белградската полиција уапсила вработен од обезбедувањето на Музеј на историјата на Југославија, под сомневање дека украл предмети од музејот кои му припаѓале на Јосип Броз Тито.

Како што денеска соопшти српското министерство за внатрешни работи, осомничениот И.М. (38) крадел експонати од збирката „Подароци и лични предмети на Јосип Броз Тито“, за чие чување бил задолжен, брошеви и игли за вратоврски од благородни метали, украсени со скапоцени камења, ковани монети од римскиот период и други лични работи на Јосип Броз, како и подароци од странски државници.

Уапсениот, како што се наведува, го извршил кражбите повеќекратно, за време на редовните смени кон крајот на минатата година.

Украдените предмети, кои претставуваат културно и историско добро, осомничениот ги продавал и така заработил повеќе од 16.000 евра. Полицијата пронашла дел од украдените предмети и ги вратила во музејот.