Македонија Царинска управа: Полицијата барала дрога во сомнително возило, но не нашла

Царинска управа: Полицијата барала дрога во сомнително возило, но не нашла

За да се изврши детална контрола, возилото е пломбирано и привремено задржано заедно со стоката со вкупна тежина од 1,2 тони. За прегледот е побарана асистенција и од крим полиција, информираат во Царинска управа

Фото: Фејсбук профил на Царинската управа

Вработени во СВР Скопје извршиле претрес на патничко моторно возило поради сомневање дека во него има наркотични средства, но не нашле дрога во возилото, соопштија денеска во Царинската управа.

„На ден 11 март, во попладневните часови, на патниот правец Петровец – Скопје од страна на СВР Скопје е извршен претрес на патничко моторно возило, кое превезувало разна стока, увозно оцаринета на ЦИ Аеродром, поради сомневање дека во возилото се превезуваат наркотични средства. Контролата е извршена со асистенција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа и царинско куче. Притоа не се пронајдени наркотични средства“, наведено е во соопштението од Царина.

Сепак, како што наведуваат оттаму, биле констатирани неправилности во однос на пријавената стока по увозната декларација и фактичката состојба на стоката во возилото.

„За да се изврши детална контрола, возилото е пломбирано и привремено задржано заедно со стоката со вкупна тежина од 1,2 тони. За прегледот е побарана асистенција и од крим полиција, а за случајот е известено и надлежното основно јавно обвинителство. Откако ќе се изврши детална контрола и ќе се утврди фактичката состојба, ќе бидат покренати соодветни постапки“, додаваат во Царина.