Македонија Царината заплени илјадници евра криени во чорапи и под менувач на камион

Царината заплени илјадници евра криени во чорапи и под менувач на камион

Во чорапите на возачот биле скриени 7.000 евра, додека останатите девизи биле во неговиот паричник и во плико во кабината на возилото

Илјадници евра криени во чорапите на возач на камион запленети на граничниот премин „Табановце“ / фото: Царинска управа

Поголем износ на девизи, 250 кутии детокс чаеви, но и нова глава за мотор за товарно возило се дел од заплените на мобилните тимови при Секторот за контрола и истраги на Царинската управа во текот на изминативе денови, соопштија од македонската Царина.

Во два посебни случаи мобилните тимови откриле 15.100 евра, коишто возачи на камиони сакале да ги изнесат од државата преку преминот Табановце кон Србија без да пријават, криејќи ги во чорапи и на различни места во возилата.

Во првиот случај биле пронајдени вкупно 11.100 евра, од кои 7.000 евра биле скриени во чорапите на возачот, додека останатите девизи биле во неговиот паричник и во плико во кабината на возилото.

Во вториот случај биле откриени 8.000 евра кои возач на камион ги скрил во кабината на камионот под капакот на автоматскиот менувач. И во двата случаја, на возачите – македонски државјани им биле вратени по две илјади евра – сума која можат слободно да ја изнесат од државата, додека останатите девизи биле задржани, а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

На граничниот премин Блаце кон Косово, пак, на влез во државата во два посебни случаја, двајца косовски државјани биле спречени во намерата нелегално да внесат 250 детокс чаеви и нова глава за мотор за товарно возило. Детокс чаевите биле откриени при контрола на комбе, под седиштата на возилото, додека главата за моторот била откриена во патничко возило, во багажникот покриена со ќебе и јакна.