Македонија Царината одзеде минибус во кој имало бункер за криење на стока

Царината одзеде минибус во кој имало бункер за криење на стока

Случајот е откриен на влез на граничниот премин Табановце од страна на царински инспектори од мобилниот тим од Секторот за контрола и истраги

Извор на фотографија: Царинска управа на РСМ

Специјални бункери во вентилациониот систем на минибус со албански регистарски таблички направени со цел криење стока се откриени по контрола на возилото во кое се вршело вонреден превоз на патници на релација Тирана – Брисел, соопштија утрово од Царинската управа на РСМ. Притоа, специјално направените бункери наменети за криење стока, во обид да се прикријат истите, биле покриени со тапацир.

Од Царина потсетуваат дека специјално конструирани возила со цел криење стока е казниво дело, при што во овој случај е одземен минибусот во кој е откриен бункер за криење стока.

Случајот е откриен на влез на граничниот премин Табановце од страна на царински инспектори од мобилниот тим од Секторот за контрола и истраги, кои ја извршија контролата на минибусот.

По поднесена пријава до надлежниот суд, истиот донесе одлука за одземање на возилото, а изречена е и глоба за возачот на возилото заради прекршување на член 263 став 7 и член 269 став 2 од Царинскиот закон.

„Ова е втор случај во една недела на заплена на возило специјално конструирано, адаптирано и прилагодено со цел криење стока“, се наведува во соопштението на Царинската управа.