Македонија Британска амбасада: Пратениците да ја исполнат својата демократска улога

Британска амбасада: Пратениците да ја исполнат својата демократска улога

Парламентот е клучна институција во секоја демократија, оцени за „Мета“ Амбасадата на Велика Британија во Македонија, по одлуката на СДСМ да го замрзне своето учество во работата на Собранието сè додека Уставниот суд не се произнесе за уставноста на Специјалното јавно обвинителство.

„Се надеваме дека сите пратеници ќе ја исполнат својата демократска улога, ќе ја користат својата позиција и влијание да го зајакнат владеењето на правото во Македонија“, стои во реакцијата на амбасадата.

Во врска со последните критики за работата на СЈО, упатени од страна на претседателот Ѓорге Иванов, од амбасадата потсетуваат на важноста на СЈО за излезот од политичката криза.

„Работата на Специјалното обвинителство е клучен дел од Договорот од Пржино и основа за одржливо решение на политичката криза. СЈО беше договорено од четворицата партиски лидери што го потпишаа Договорот од Пржино, а СЈО доби целосна поддршка во Собранието. Сите страни треба да продолжат да даваат целосна поддршка и да се воздржат од постапки кои ќе ја поткопуваат неговата работа“, порача амбасадата на Велика Британија.