Свет Европа Брисел и Москва потпишаа протокол за испорака на гас за Украина

Брисел и Москва потпишаа протокол за испорака на гас за Украина

Русија и Европската комисија потпишаа протокол за испорака на гас за Украина, изјави рускиот министер за енергетика, Александар Новак, додавајќи дека сега редот е на Киев.

– Топката сега е на украинската страна, протоколот е потпишан од наша страна и од Европската комисија, Киев ништо не го спречува да ја изврши уплатата во согласност со постигнатите договори – рече Новак.

Министерот за енергетика рече дека постоењето на протоколот не е услов за односите меѓу Москва и Киев.

– Немавме никаков протокол ни во вториот квартал од годинава, кога на Киев му беше одобрен попуст – рече Новак, додавајќи дека „Гаспром“ сè уште не ја примил авансната уплата од Киев, во висина од 500 милиони долари.

Трилатералните разговори извршени на 25 септември меѓу Русија, ЕУ и Украина резултираа со спогодба за купување гас од „Гаспром“.