Култура Божикен и новогодишен концерт во МНТ

Божикен и новогодишен концерт во МНТ

На 1 јануари 2015 година, од 20 часот, Македонската опера и балет ќе изведе новогодишен концерт во Македонскиот народен театар, а на 7 јануари, од 12 часот, Македонската филхармонија ќе изведе божикен концерт. Двата концерта ќе бидат пренесувани директно на Македонската радио-телевизија.

Концертот на МОБ ќе го води диригентот од Србија, Ѓорѓе Павловиќ. Ќе настапат оперските солисти Каталина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и македонските Благица Поп-Томова и Ѓорѓи Цуцковски, балетските солисти Марија Кичевска-Шокаровска, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Васил Чичијашвили и Бобан Ковачевски, хорот, балетскиот ансамбл и оркестарот на МОБ.

Божикниот концерт на Македонската филхармонија ќе има духовна содржина и дела од Бах, Хендл, Качини, Корели, Моцарт… Солист ќе биде сопранистката Сандра Митровска, а концертот ќе го води диригентот Борјан Цанев. Билет за новогодишниот концерт ќе чини 800 денари, а за божикниот – 500 денари.

На 21 декември, во 12 часот, Македонската филхармонија во „Универзална сала“ ќе го организира концертот за деца и на 24 декември, во МНТ, концерот „Ѕвездена прашина“, на кој ќе бидат изведени познати вокално-инструментални џез-композиции. Макеодонската опера и балет, пак, ќе ја продолжи 25-годишната традиција и во јануари ќе го организира концертот за празникот Василица.