Македонија „Бомбите“, сепак, ќе се користат како доказ на судењето на Канческа-Милевска за...

„Бомбите“, сепак, ќе се користат како доказ на судењето на Канческа-Милевска за „Тендери“

Апелацискиот суд Скопје ја прифати жалбата на Специјалното јавно обвинителство, со што прислушуваните разговори ќе можат да се користат во судскиот процес за случајот „Тендери“, во кој првообвинета е поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска.

Како што потврдиле за „Телевизија 24“ од Апелацискиот суд, ваквата одлука била донесена врз основа и на претходните две одлуки на судот со кои се дозволува користење на „бомбите“ како доказ во случајот „Триста“ и во судскиот процес на насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, во јавноста познат како „Шамари“.

Одлуката на Апелацискиот суд следува откако вчера на јавна седница обвинителите на СЈО и адвокатите на Канческа- Милевска ги соочија аргуметите „за“ и „против“ употребата на прослушуваните разговори како доказ во кривичнивата постапка за случајот „Тендери“.

Претходно, Кривичниот суд го прифати барањето на адвокатите на Канческа-Милевска и ги издвои „бомбите“ од доказниот материјал за предметот, по што СЈО поднесе жалба на решението до Апелацискиот суд.

Утре Апелација треба да ги разгледува жалбите на СЈО за тоа дали „бомбите“ може да бидат доказ во предметите „Топлик“ и „ТНТ“.